Најдоброто овошје и зеленчук во пролет

Конзумирање сезонско овошје и зеленчук е одлично решение секогаш да имаме вкусни и свежи продукти во нашиот фрижидер. Особено во овој дел од годината, избор имаме навистина во изобилие. А кој не би одбрал свежи домашни продукти наместо продукти од другата страна на светот? Во продолжение ви предложуваме овошје и зеленчук кое треба да е задолжителен дел од купувачката кошничка во пролет. Тука погледнете во кои маркети може да ги купите и истовремено да направите добра зделка. Уживајте!

јагоди овошје во пролет

Јагоди

Омилени на многумина, а зошто и не би биле? Доминираат со својот вкус, независно дали ги конзумирате одделно или како едноставен, а сепак толку ефектен додаток на многу десерти.

Цреши

Верувале или не, постојат повеќе од 1000 различни видови на цреши, меѓутоа само мал дел - околу 20% се користат за комерцијална продажба. Богати со антиоксиданти и добар помошник за посјајна кожа, прилично е лесно да ги вклучите како дел од секојдневната исхрана.

Кајсии

Кајсијата е најодгледуваниот вид традиционално овошје во нашиве простори. Познато е дека таа е богата со магнезиум, но исто така помага и при варење на храната. Наш предлог е да се освежите со природен сок од кајсија, кој ќе ги задоволи потребите на телото за дневен внес на каротин.

Праска

Македонскиот регион е погоден за одгледување на оваа овошка и се смета дека токму ние ги имаме едни од најдобрите видови праски. Праските содржат многу витамини и минерали, но исто така и калиум, кој што е многу важен за правилно функционирање на сите клетки, ткива и органи во човечкото тело. Зарем треба некоја друга причина да се освежиме со свежо парче од ова сочно овошје?

Спанаќ

Спанаќот е одличен извор на витамин А, Ц, К1, фолна киселина, железо и калциум. Корисен е за здравјето на човекот бидејќи го зајакнува имунолошкиот систем и помага против алергии. Други придобивки се: го намалува оксидативниот стрес, го зајакнува здравјето на очите, се бори против ракот и го регулира крвниот притисок.

Грашок

Зелениот грашок е богат со хранливи материи, растителни влакна и антиоксиданти и има својства што можат да го намалат ризикот од повеќе болести. Тој претставува извор на железо кое што му е потребно на нашиот организам. Доколку немате доволно железо, вашето тело не може да направи доволно здрави црвени крвни зрнца кои содржат кислород, со што ќе предизвика недостаток на хемоглобин.Железото помага во борбата против замор и ви дава сила.

Млад кромид

Младиот кромид припаѓа во истото семејство со лукот, кромидот и празот. Најдобро е да се јаде кога е свеж. Тоа ни дава низа на позитивни влијанија врз нашето здравје. Некои од нив се: го подобрува здравјето на коските, помага за намалување на телесната тежина и за правилно згрутчување на крвта при различни повреди. Пролетниот млад кромид е храна која се вклопува секаде.

Зелена салата

Благодарение на растителните влакна и целулозата кои ги содржи, редовното консумирање на зелена салата може да ви помогне за подобрување на варењето на храната. На овој начин, го помага и процесот на слабеење и одржување на нормална телесна тежина. Растителните влакна помагаат и за елиминирање на солите на жолчните киселини од организмот. Тоа е корисно затоа што се намалува холестеролот, па затоа зелената салата се препорачува и за превенција на болестите на срцето.

Не заборавајте, пред да јадете пролетен зеленчук или овошје, секогаш добро да го измиете!